Еден чест приговор против исклучивото псалмопеење е дека, ако пееме само псалми, нема да го пееме „името што е над секое име“ (Филипјаните 2:9).
Верувам дека овој приговор е неоснован од неколку причини:
- Од сите претпоставени химнолошки фрагменти во Новиот Завет, само еден навистина го користи името Исус (Филипјаните 2:5-11).
- Дури и овој пасус не ни заповеда да го пееме името Исус, како што истакнуваат поборниците против исклучиво псалмопеењето. Наместо тоа, заповедта е секој јазик да Го исповеда Него. Понатаму, исповедта не е ограничена само на изговарање на името Исус, туку на исповедање дека Исус Христос е Господ. Ова, всушност, се исполнува секојпат кога ги пееме Псалмите 16 и 110.
- Можеме да прашаме: ако е заповедано (т.е. задолжително) да го пееме името „Исус“, дали тоа мора да го правиме секојпат кога се собираме? Во секоја песна? Второто би значело исклучување на псалмите како песни на црквата, иако многу поддржувачи на химни, а уште поважно и самото Писмо, нè повикуваат да ги пееме псалмите. Па, на кој начин ова треба да се исполни?
- Ако буквално сме повикани да го пееме името „Исус“, тогаш би требало да го правиме тоа (логично) со оригиналниот грчки изговор. Многу малку христијани, ако воопшто некои, би го изговарале името „Исус“ на грчки јазик. Ова е иронично, бидејќи поборниците на химни често ги обвинуваат пејачите на псалми за недоследност, бидејќи тие не ги пеат псалмите на оригинален еврејски јазик и често ги пеат во рима и слогови.
- Дури ни небесните песни во Откровение не го користат името Исус. Ако е толку важно името Исус да се пее, тогаш сигурно барем една од овие песни би го содржела Неговото име.
- Како што истакнува Ричард Бејкон, Исус не го вклучил Своето име во формулата за крштавање (Матеј 28:19). Ако не сме обврзани да бидеме крстени во името на Исус, зошто тогаш би било задолжително да го пееме името Исус за да Го почитуваме?
- Името Исус исто така не се наоѓа во установувањето на Господовата вечера. Се вели „ова е Моето тело“ и дека се јаде „во Мој спомен“, но не нужно во името „Исус“. Во 1. Коринтјаните 10, Павле зборува за „телото Христово“ и „крвта Христова“, но не и за „крвта на Исус“. Слично, во поглавје 11, апостолот зборува за објавување на „Господовата смрт“. Понатаму, песната што беше испеана по првата Господова вечера беше псалм, а тоа значи дека не го содржела името Исус (Матеј 26:30).
- Псалмите, сепак, ги содржат титулите на Исус (Христос, Син Божји и сл.) и дури и самите Негови зборови (на пример, Псалм 22:1). Пејачите на псалми никогаш не пропуштаат да Го почитуваат Исус, дури и ако не го спомнуваат или пеат буквално Неговото име.
- Името „Исус“ се однесува на Неговото спасително дело (да ги спаси Своите луѓе од нивните гревови – Матеј 1:21). Како што многумина забележале, псалмите изобилуваат со показатели за Неговото спасение за нас.(1)
- Дека псалмите можат правилно да се пеат „во името на Исус“ без нужно да се користи името „Исус“, е покажано во Дела 2. Петар им се обраќа на своите сонародници на Педесетница со порака за Исус од Назарет. Тој ги цитира Псалмите 16 и 110 како зборување за „овој Исус“ (ст. 32).
(1) Погледни ја втората поента во статијава: www.cprf.co.uk/articles/whypsalmsonly.htm
