Ова е мојот шести одговор (во серија) на вообичаени приговори против исклучивото псалмопеење.
Еден чест приговор против исклучивото псалмопеење е дека тоа го игнорира поголемиот дел од библискиот канон како изворен материјал. Односно, исклучиво псалмопеецот (ИП) исцрпува една книга од Библијата, но не ги користи останатите делови од Писмото и, како резултат, завршува со „скратена“ песнарка.
Како одговор на овој аргумент, да ги разгледаме следниве точки:
- Фактот дека нема правило кое може да се цитира од Писмото за тоа како ова треба да се извршува укажува на слабоста на овој аргумент. Што во суштина (прецизно) значи користењето на „Остатокот од Словото“? Дали тоа би вклучувало пишување на песна од избрани делови на секоја книга? Составување на песна од одреден број стихови?
- Понатаму, би требало да се докаже од Писмото дека, за да се исполни неговото сопствено учење во однос на елементот на пеењето во богослужението, е потребно да се користи секој дел од Писмото во богослужбените песни. Покрај тоа, во отсуство на јасна изјава дека треба да се пее нешто покрај Псалмите, пеењето на Псалмите веќе ги исполнува барањата на Регулативниот Принцип на Богослужение (т.е. ограничување на богослужението на она што Бог го бара во самото Писмо).
- Како што веќе напоменавме (во претходната статија), Книгата на Псалмите е свој жанр: односно единствената книга во Библијата која е наречена „книга на славословија.“ Како таква, исклучивиот псалмопеец ја користи како единствената песнарка во Словото, затоа што таа навистина е единствената песнарка во Словото.
- Не секој дел од „остатокот од Словото“ е, практично гледано, подготвен за пеење. Забележете како повеќето песнарки (ако не и сите) земаат малку или ништо од родословите во Стариот завет или од историските книги во целост. Меѓутоа, Псалмите ја нагласуваат важноста на оваа историја и веќе ја преточиле во песна преку боговдахновени сумирани прикази: на пример Псалм 78, 99, 107, 132 итн.
- Исто така, не е разумно да се прават химни од целата Библија, бидејќи тоа би резултирало во песнарка. Всушност, никој не се обидел да направи песна од секој библиски пасус и тоа едноставно не може да се направи без да се измеша Божјото Слово со песнарка. Во својата суштина, Словото е наменето за читање; Псалмите се наменети за пеење.
- Во ред е да се каже дека химните, кога се додаваат на Псалмите, се супериорни затоа што користат повеќе од Словото, но како може тоа да биде точно кога ниту една песнарка всушност не ја користи целата Библија како материјал за своите песни? Покрај тоа, не треба да се занемари фактот дека, иако постои само еден Псалтир, постојат многу песнари (многу од кои сега се застарени или оставени целосно). Нема песнарка која некогаш успеала да ја постигне оваа посебност.
- Современите химни, по своето настанување (а и тековната пракса), го исфрлиле голем дел од библиското учење за одредени Божји особини, како што се Неговата правда, праведност, како и изразите на Неговиот гнев и казна.[1] Спротивно на тоа, Псалмите ги содржат овие вистини, како и јасни изјави за проколнувачки гнев што химните упорно го игнорираат.
- Во текот на вековите, многу христијански писатели забележале дека Псалмите не се само уште една библиска книга, туку збир на самото Слово. Црковниот отец Атанасиј напишал: „во сите околности од животот, ќе откриеме дека овие божествени песни ни одговараат и ги исполнуваат потребите на нашите души на секој чекор.“[2] Мартин Лутер ги нарекол Псалмите „мала Библија.“ А Калвин бил „навикнат“ „да ја нарекува оваа книга ‘Анатомија на сите делови на душата;’ зашто нема ниту една емоција, за која некој може да биде свесен, а која тука не е претставена како во огледало. Или, подобро речено, Светиот Дух овде ги оживописал сите таги, жалости, стравови, сомнежи, надежи, грижи, збунетости, накратко, сите вознемирувачки емоции со кои умовите на луѓето обично се вознемируваат.“[3]
- Како додаток на Калвиновата точка, Псалмите не се само песни за настани, места и имиња, туку содржат многу изрази на емоции што, иако се чести низ Словото, ретко се користат во современите химни, како што се тага, гнев, радост поради поразот на непријателот и жалење за гревот. Всушност, човечките песнарки се речиси целосно лишени од такви природни и побожни постапки.
- Може дополнително да се приговори дека една песнарка може да ја искористи предноста на новозаветниот материјал кој не бил достапен во времето кога биле составени Псалмите. Најпрво, треба да се напомни дека Псалмите нè поучуваат од старозаветна перспектива, што, како што веќе видовме, многу химни го занемаруваат. Второ, суштинскиот новозаветен материјал веќе е предвиден и смело објавен во Псалмите. Како што забележа покојниот пастор Кулдип Гангар,[4] Псалмите користат сегашно време кога пророкуваат за Месијата.[5] Трето, Псалмите биле составени во време кога откровението сè уште било во тек, но кога откровението завршило, Псалмите станале канонската песнарка на новозаветната црква.[6]
- Понатаму, погрешно е тврдењето дека Благовестието во Новиот Завет е отсутно или пригушено во Псалмите, па оттука произлегува потребата за пишување химни. Всушност, има многу евангелски пасажи во Псалмите: напр. Псалм 32:1-2 (спореди Римјаните 4:6-8); 51; 103:1-5,11-13; 130:3-4). Второ, ја пропуштаме главната поента на пеењето пофалби кога инсистираме да го видиме Благовестието во секоја песна што ја пееме.[7]
„Пеењето на евангелието, иако може да биде корисно во своето место, не е по природа пофалба, зашто евангелието е упатено кон човекот, а не кон Бога. Во обидот да се остави впечаток врз луѓето, пеењето на евангелието може да го узурпира местото на она што му припаѓа на Бога. Она што завршува кај нас самите или кај другите може да биде средство на благодат, но само она што завршува кај Бога е пофалба… пофалбата е изразување кон Бога на она што Му е должено. Нека не Му биде одземено тоа.“ — Џон М. Рос, Идејата за богослужение (страница 16), Псалмите во богослужението (1907), уредено од Џон МекНотер. - Во одредена смисла, Псалмите се остатокот од Писмото затоа што, за разлика од која било друга библиска книга, тие биле: а) напишани од различни автори, б) напишани низ многу векови, и в) содржат многу од искуствата и историјата на црквата од Стариот Завет, кои се нормативни за црквата денес (Римјаните 15:4, 1 Коринтјаните 10:6, 2 Тимотеј 3:15-17). Затоа, христијанинот може да биде сигурен дека кога пее од Божјата песнарка, тој пее сè што Бог наменил за него да пее.
[1] Исак Ватс, еден од „татковците“ на современата химнографија, напишал: „има многу, стотици стихови во таа Книга што христијанинот не може соодветно да ги прифати при пеење без значителна измена на зборовите или барем без да им даде многу поинакво значење од она што Давид го имал кога ги напишал.“ A Short Essay Toward the Improvement of Psalmody.
Како одговор, Ј. Г. Вос тврди: „Злото не е апстрактно, туку конкретно; тоа е поврзано со одредени личности. За да се уништи злото, луѓето мора да бидат соочени со Божјата моќ и праведен суд. Исак Ватс рекол дека ќе го натера Давид да зборува како христијанин. Тој ги изменил Псалмите, ги направил неприродни. Ватс воопшто не успеал да ја разбере вистинската убавина и слава на Псалтирот.“ Ј. Г. Вос, Ashamed of the Tents of Shem?
[2] Писмото на Атанасиј до Марцелин: За толкувањето на Псалмите
[3] Од предговорот на неговиот коментар на Псалмите.
[4] http://www.sermonaudio.com/sermoninfo.asp?SID=825142012368
[5] На пример, Псалм 2, 22 и 110.
[6] Ова се тврди врз основа на фактот дека во Новиот Завет не е воведен никаков додаток или замена за Псалмите.
[7] Што, иронично, не би било точно за нашите песнарки доколку напишеме песна врз основа на секој библиски пасус или дури секој пасус од Новиот Завет. Голем дел од Новиот Завет содржи поттикнувања и заповеди кои, во потесна смисла, не се дел од Евангелието.
