Ова е мојот втор напис од серијата „одговори на вообичаени приговори против Исклучиво Псалмопеењето“.
Еден чест приговор против исклучивото псалмопеење е дека, бидејќи Писмото зборува за пеење на „нова песна“, ни е дозволено (ако не и задолжително) да пишуваме нови песни во секоја генерација. Овој аргумент датира уште од 17-тиот век и често се користи оттогаш.[1]
Во Писмото има 9 спомнувања на „нова песна“, од кои 6 се наоѓаат во самите Псалми: Псалм 33:3; 40:3; 96:1; 98:1; 144:9 и 149:1; Исаија 42:10; Откровение 5:9 и 14:3.
- Во секое спомнување, заповедта или описот се однесуваат на „нова песна“ (еднина), а не на „нови песни“ (множина). Ова е значајно, бидејќи „нови песни“ би се однесувало на постојан збир на песни што треба да се создаваат, додека „нова песна“ се однесува на една конкретна песна со свои специфични елементи и барања.
- Ова е потврдено со заповедта што ги придружува овие описи. Новата песна треба да се пее, а не да се компонира. Тоа значи дека новата песна мора да биде дадена од самиот Бог – инспириран извор што не потекнува од пејачот или пејачите, туку од Оној кому Му се упатува пофалбата.[2]
- Ова е покажано во Псалмите, каде што фразата „нова песна“ обично се наоѓа на почетокот (а не на крајот) од псалмот, што укажува на тоа дека токму содржината на псалмот е таа „нова песна“.
- Во Псалм 144:9 (каде што ова не е случај) Давид вели: „Јас ќе пеам нова песна“ (се потенцира „Јас“). Ова, се разбира, не исклучува други да му се придружат, но контекстот покажува дека претходниот израз е личен: „Кој им дава спасение на царевите, Кој го избавува Својот слуга Давид“ (повторно потенцира). Во секој случај, тука нема заповед за компонирање нова песна. Давид, под инспирација на Духот, е композиторот; ние сме хорот.
- Ова јасно се гледа во Псалм 40:3, каде што пишува: „Тој во устата моја вложи нова песна“ Овде Давид, „слаткопевецот Израилев“, признава дека новата песна му е дадена од Бог. Ова недвосмислено укажува на инспирацијата од Светиот Дух.
- Во Исаија 42:10, пророкот ја позајмува идејата за „нова песна“ од Псалмите и ја применува на нов народ – на народите (Гои), т.е. незнабошците („од краиштата на земјата“; спореди со стих 6, каде што Израел е „светлина за народите“). Ова може да значи дека, со вклучувањето на незнабошците, ќе треба да се напишат нови песни за да се слави создавањето на „новиот човек“ (Ефесјаните 2:15) или дека „старите“ песни ќе добијат ново значење кога ќе бидат пеани од незнабожните верници. Очигледно е дека второто е точно, бидејќи во Псалм 96 псалмистот вели: „Пејте Му на Господа нова песна“ (стих 1), а потоа во стих 7 ги повикува народите да му се придружат во Неговата пофалба.
- Всушност, пеењето на псалмите (како канонска книга) е уште попогодно за црквата во новиот завет отколку што било во стариот. Псалмите пророчки ја предвидуваат иднината кога Јафет ќе живее во шаторите на Сим.[3] Така, јазикот на верата на Израил, применет кај незнабошците, станува „нова песна“ – нова во значење, но не ново напишана. Навистина, невозможно е „новата песна“ да се однесува само на нова ситуација (т.е. нужноста за пишување на нови песни со вклучувањето на незнабошците), бидејќи на Израил му беше заповедано да пее нова песна уште пред незнабошците да бидат вклучени.
- Ова сфаќање дека „новата песна“ значи „стара песна пеана со ново значење“ е потврдено во Лука 24:44-45: „Како звучеле зборовите од Псалм 2, 22, 45, 110 или 118 како нови песни за оние што биле навикнати да ги пеат во сенките на неоткриените реалности! Светлината на Евангелието врз остатокот од Израил, откупен по Неговата благодат, ги натера да пеат ‘како да е нова песна’ на Господа – не ‘нова’ во суштина или содржина, туку ‘нова’ во богатството на значењето и полнотата на славата за Бога и Спасителот на луѓето!“ – Даглас Комин, „Поклонение од Битие до Откровение“.
- Во Откровение (5:9 и 14:3) „нова песна“ се пее во небесната реалност, каде што светиите „придонесуваат“ кон пророчката полнота на книгата. Ова не е нова песна во смисла на тоа дека некој човек ја напишал за одредена пригода (како небоговдахновените химни). Со право Г.И. Вилијамсон забележува: „Да научиме нова песна, поучени од Господа, е многу различно од тоа сами да напишеме нова песна“ (Пеењето на Псалми во Богослужението). Понатаму, во Откровение 14:3 пишува дека оваа песна не може да ја научи никој освен откупените.
- Новиот Ерусалим слегува одозгора; тој е небесен по потекло и Божја творба (Откровение 21:2). Истото важи и за новата песна – таа не потекнува од човекот, туку од Бог (Мајкл Бушел, Песните Сионски, стр. 96).
- Во Писмото постојат многу примери за нови „работи“, но ниту еден од нив не подразбира создавање на нешто сосема ново, туку обновување или враќање на постоечкото.
Во Јован 13:34 имаме „нова заповед“, во 2. Коринтјаните 3:6-7 и Евреите 8:8 – „нов завет“, во 2. Коринтјаните 5:17 – „ново создание“, во Ефесјаните 2:15 – „нов човек“ и во 2 Петрово 3:13 – „ново небо и земја“. Во сите овие примери не станува збор за нешто сосема ново, туку за обновување, оживување и враќање на старото или веќе постоечкото – заповедта, заветот, карактерот и создаванието обновено.
На пример, Р.Л. Дабни воден од Јован 13:34 вели дека Христовата нова заповед „беше само ‘старата заповед обновена’, едноставно повторно воспоставено но со додатен мотив: Христовата љубов кон нас“ (Систематска теологија, стр. 357).
[1] „Бенџамин Кич, а не Исак Ватс, како што вообичаено се мисли, бил првиот пуританец што напишал химни од човечка композиција. Првите химни на Ватс биле објавени во 1694 година, додека оние на Кич се појавиле триесет години порано. Коментирајќи ја фразата ‘нова песна’ што се наоѓа во Псалмите и Откровение 14:3, Кич пишува: ‘Нова песна означува нова песна што го слави Бога за новите благодати примени од Него… Ова покажува дека во евангелските денови може да се пеат и други духовни песни, покрај Давидовите псалми.’“ [цитирајќи од Бенџамин Кич, The Breach Repaired in God’s Worship, стр. 129] Џон Прајс, Old Light on New Worship: Musical Instruments and the Worship of God, стр. 118-119.
[2] Ова е во согласност со составувањето на песните во Светото Писмо, кои често (ако не и секогаш) се инспирирани од Бога. Како што аргументира Мајкл Бушел, „тие [заповедите да се пее нова песна] не претставуваат овластување за нас да произведуваме неинспирирани песни за богослужение, исто како што не претставувале ни за старозаветните светии.“ The Songs of Zion: A Contemporary Case for Exclusive Psalmody
[3] За повеќе информации на оваа тема, видете „Ashamed of the Tents of Shem?“ од Ј.Г. Вос, SpindleWorks: Sharing Reformed Christian Resources Around the World.
